Интервју со професор д-р Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје важи за водечка образовна и научно-истражувачка институција во Македонија во областа на електротехниката и информациско-комуникациските технологии. ФЕИТ е соработник на ИАЕСТЕ веќе 25 години, односно од самите почетоци на нашата организација.  Во продолжение ќе имате прилика да го прочитате интервјуто со деканот на ФЕИТ, Димитар Ташковски.

Каква е соработката на Вашиот факултет со ИАЕСТЕ? 

Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) е високо-образовна институција отворена за соработка со сите. Досега сме соработувале, но и во иднина ќе соработуваме, со разни институции, компании, организации во насока на подобрување на образовниот процес во сите сегменти – наука, образование и соработка со стопанството. Во оваа насока сакам да ја потенцирам и одличната соработка со ИАЕСТЕ како студентска организација. Имено, ФЕИТ ги поддржува сите активности на ИАЕСТЕ и многу наши студенти се и ваши членови. Секоја година, како факултет, обезбедуваме и по две пракси за странски студенти кои доаѓаат преку ИАЕСТЕ и работат во нашите лаборатории. Ме радува фактот што сите студенти кои дошле на ФЕИТ преку ИАЕСТЕ се квалитетни студенти, посветени на студирањето и на стекнувањето практични вештини, на запознавање со културата на Македонија, начинот на живеење и на создавање нови пријателства.

Колку мислите дека се важни студентските пракси за еден инженер во процесот на студирањето

Секој студент во процесот на образование стекнува теоретско знаење. Но, доколку тоа не го поткрепи со практична примена и искуство, тогаш тоа останува неискористено и вакумирано. Затоа е многу важно, за секој инженер, без разлика дали ќе продолжи во научните води или во индустријата, да стекне практични вештини и да го процесира теоретското во практично знаење.

ФЕИТ има многу договори за соработка со компании во Македонија и сите наши студенти поминуваат одреден временски период во реалниот сектор. Ова е императив на кој ние даваме многу значење. На овој начин, самиот студент прави споредба на она што го учи на факултет со тоа што го учи во реалниот сектор, собира искуства и знаења, разговара со професорскиот кадар и со своите колеги и притоа, влијае на процесот на себе-едукација и едукација на другите колеги.

Само на овој начин, по дипломирањето, имаме готов производ – студент подготвен веднаш да влезе на пазарот на трудот во Македонија или во светот. Претходно, студентот ја добил својата практична наобразба и е во постојан контакт со индустријата. Во комбинација со стекнатото теоретско образование од Факултетот, креираме личност подготвена за акција.

Дали Вие како студент сте биле на стручна пракса во странство и ако да, кажете неколку зборови за Вашето искуство?

Да, да. Како активен член на ИАЕСТЕ имав можност да бирам пракса меѓу две држави на различни страни на светот. Норвешка, од една страна и Филипини, од друга страна. Секако, поголем предизвик ми беа Филипините и не згрешив со својата одлука. Таму престојував два месецa во La Union Electric Company. Дефинитивно, стекнав огромно практично искуство, но и многу други животни искуства – друга култура, друг начин на живеење, друг свет. Тоа животно искуство е значајно за секој млад човек и убаво е да се доживее. Исто така, во оваа прилика се заблагодарувам на ИАЕСТЕ што ми овозможи да ја доживеам таа култура.

Дали сте биле член на студентска организација?

Како што веќе споменав, да, бев член на ИАЕСТЕ. Но, не само член туку бев и член на Извршниот одбор на организацијата, односно нејзин благајник. Беше тоа период по распаѓањето на поранешната наша заедничка држава Југославија, и период на формираме на македонското ИАЕСТЕ. Тогаш поминавме низ целата постапка на регистрација на организацијата, отворање банкарски сметки, правење правилници, први студентски размени. Бевме прекрасна екипа, на чело со претседателот Михајло Зиков. Ова стекнато искуство во организацијата го применувам и денес во менаџирање на Факултетот за електротехника и информациски технологии, каде системот е воспоставен и функционира, но секогаш има предизвици.

Какво е Вашето мислење за студентските организации на техничкиот кампус и што би им препорачале на студентите?

Како декан, но и како човек, силно ги поддржувам сите студентски организации. Навистина, станува збор за одлична организирана форма на артикулирање на студентските интереси. Има многу организации, кои се многу активни и се надополнуваат во своето функционирање. Со крајна цел – одлични можности за студентите како нивни членови. Од друга страна, студентите треба да бидат проактивни и да ги искористат понудените можности. Како што реков, знаењето на факултет е многу значајно, но постојат и други животни вештини важни за развојот на секој човек. Дел од тоа се тимската работа, комуникацијата, интернационализацијата, работењето на проекти, што секако може да се добијат и преку членување во вакви студентски организации. Затоа апелирам и препорачувам сите студенти да бидат дел од организации и да ги изразуваат своите интереси, знаења, идеи.

НАЈНОВО ОД ФЕИТ: На 14ти Април ФЕИТ ги отвори вратите на новиот Центар за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ!

Отворањето на Центарот е во согласност со напорите на ФЕИТ да ги приближи академското образование и практичната експертиза и да ги подготови студентите за подобро справување со предизвиците во индустријата. ИНОФЕИТ е место за интеракција меѓу кадарот на ФЕИТ, студентите на ФЕИТ и индустриските партнери што треба да овозможи конекции и трансфер на технологии и на нови иновативни. Негови цели се подобрување, зајакнување и стимулирање на трансферот на знаења од академската средина кон постоечки и нови иновативни мали и средни претпријатија, обезбедување извонредно знаење во обласите на информациско-комуникациските технологии и обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, валоризација на истражувачки резултати преку создавање колаборативна платформа помеѓу научните работници, студентите и претприемачите заради надминување на јазот меѓу академската средина и индустријата и зајакнување на потенцијалот за раст на регионалниот екосистем од постоечки и нови, иновативни, високо-технолошко ориентирани мали и средни претпријатија.

Би сакале да изразиме огромна благодарност до Факултетот за Eлектротехника и Информациски Технологии за досегашната поддршка и се надеваме дека нашата соработка ќе продолжи и во иднина!