Искуство од пракса во Јапонија

Како студент во четврта година на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, се сретнав со многу предизвици во текот на студиите, но ниеден од нив не беше споредлив со “Олимпус – Јапонија 2017”. Изборот на Јапонија како една од водечките земји во светот на технологијата за интернационална пракса не беше случаен. Секако, се немаше да биде така лесно доколку не бев потпомогнат од студентската организација ИАЕСТЕ Македонија, која заедно со огранокот во Јапонија завршија голем дел од процедурите, за што сум им многу благодарен. Покрај очекувањата и формалностите, следуваа вистинските случувања. Најпрво, вистински (позитивен) шок беше известувањето дека треба да обезбедам билет и да ги спакувам куферите. Бев примен на практична работа во Olympus Corporation – Tokyo, каде се стекнав со вистинско практично техничко знаење и корпоративно искуство.

Кога некој ќе спомене Јапонија, веднаш помислувам на специфичното писмо, метеж по улиците, гејши, нивните храмови, будизмот, технологии кои сеуште не сме ги виделе на нашиве простори, организираност и уште многу други работи кои ги доживеав и видов таму.

Мојата пракса беше идеално поврзана со тоа што го учам (електроника и компјутерски хардвер). Задачата ми беше да вршам евалуација на линеарни регулатори (LDO), DC-DC конвертори и прекинувачки напојувања (SMPS) кои ги/ќе ги користат во своите нови технологии. Целта беше да се испитаат карактеристики по одредена спецификација, па потоа според нивното однесување да се планира имплементацијата. Исто така имав можност да запознаам многу квалитетни инженери, како и да користам висококвалитетна опрема која досега ја немав ни видено.

За време на праксата, самата компанија имаше преземено иницијатива да организира активности кои ќе ни го доближат јапонскиот начин на живот и култура преку најразлични случувања по работното време. Особен впечаток ми остави нивниот летен фестивал- “Olympus Summer Festival 2017” кој беше организиран во самиот двор на компанијата, каде беа речиси сите вработени и имаше одлична дружба.

Покрај праксата, на која се здобив со техничко знаење, не беше изоставен социјалниот живот и посета на местата за кои имав само чуено и прочитано. Постојано бев во контакт со практиканти од целиот свет, од кои дел беа студенти членови на ИАЕСТЕ Јапонија, при што се стекнав со многу интернационални контакти и пријатели. Бидејќи бев сместен во Токио, неизоставна беше негова обиколка. Посебен впечаток ми оставија прекрасните паркови и градини, а успеав да прошетам и низ улиците на Хирошима, Осака, Кјото, Камакура, Хаконе и други места. Сето тоа  ми ја состави сликата за Јапонија, која е вистински пример за тоа како едно општество треба да биде уредено и кое е нивото на свест кај тие луѓе.

За крај, можам да кажам дека оваа искуство е нешто што човек мора да го доживее. Искуствата од другите се мотив, какво што претставувам дека ќе биде и моето, па затоа би го охрабрил секој студент да отиде на интернационална пракса, да ги прошири своите видици и перспективи.

-Боривоје Тасиќ, студент на ФЕИТ