BEERS, WAFFLES, FRIES & GOOD TIMES!

Гент како град ми остави огромен впечаток уште првиот пат кога го посетив на почетокот од годинава. Студентско место, пабови, chill атмосфера се само дел од нештата кои ми го задржаа вниманието. Иако не верував дека некогаш повторно ќе го посетам, летово здогледав студентска пракса токму во Гент, и знаев дека тоа е праксата за мене.

Гент е мал град, нешто помал од Скопје, така што се е блиску. Јавниот превоз не им е убаво решен, така што главно превозно средство е точак и само точак! Помалку познато е дека сега дел од шините за трамвај гледаат да ги пополнат бидејќи на луѓе им се зафаќаат тркалата од точаците внатре. А и секоја пола година наоѓаат по едно стотина точаци во реката.

Инаку Гент се наоѓа во фламанскиот регион на Белгија каде се зборува исклучиво фламански што е всушност дијалект на холандскиот. Главни национални специјалитети се вафлите и fries with mayoneese што може да се забележи при првата прошетка низ Гент, при првата уличка со која што почнува центарот веднаш почнува мирисот на топло печена вафла со Нутела и пржени компирчиња кој доаѓа од секој агол на центарот. Ммм.

Првите три недели од мојот престој бев сместена во студентска соба, а останатото време бев сместена во фамилија кои беа прекрасни и гостопримливи и ме прифатија како втора ќерка.

„Правев веб-страни за платформа на една компанија што тргува со фенси гравчињa.”

Работев во Forcit, прилично млада софтверска компанија, која се наоѓа близу центарот на градот. Работата ми се погоди премногу, особено затоа што сите колеги беа прилично млади другарски поставени, па секогаш владееше позитивна работна атмосфера. Работев на два различни проекти, првиот со веб дизајн, правев веб-страни за платформа на една компанија што тргува со фенси гравчиња, а потоа си добив сопствен проект за машинско учење.

Освен работата, секако неизбежно да се спомне дружбата со останатите практиканти. Кога стигнав во Гент беа многу на број, но како една од последните кои пристигнаа секоја недела испраќав по некој. Бевме измешани од сите краеви на планетава, а сепак на интересен начин функциониравме како семејство. Не имаше од: Македонија, Србија, Хрватска (балкан доминација), Австрија, Швајцарија, Кенија, Америка, Боливија, Кипар, Малта, Индија, Израел, Азербејџан, Шпанија, Канада, Гана и уште каде не.

За жал не фатив ниту еден изорганизиран викенд од ИАЕСТЕ комитетот на Гент, бидејќи дојдов на почеток на академска година, но затоа имаше уште ентузијасти за шетање, па така се шетнав до Брисел, Антверпен и до Луксембург. Градот Луксембург го видовме за еден ден па следниот отидовме на планинарење на југот на државата  околу едно езеро чие име уште не знам да го прочитам.

„Откако пристигнав си ветив дека нема два пати да се напијам исто пиво, и прилично добро се придржав до тоа ветување.”

Останатото време кога не ни се шеташе надвор од градот, ја живеевме Белгија во вистинското светло, преку пабовите со милион вида на пиво. Откако пристигнав си ветив дека нема два пати да се напијам исто пиво, и прилично добро се придржав до тоа ветување. Исто така голем дел од вечерите ги посветивме на национални јадења и обичаи. Белгијците многу пазеа секоја земја да си добие своја посветена национална вечер каде се изложува храната на земјата, а практикантот од таа земја спрема кратка презентација за својата земја.

Се на се, доколку сте екстровертни ликови кои сакаат постојана дружба со кул луѓе од цел свет, љубители на благо и на добро пиво, расположени за шетање со воз секој викенд, а сепак сакате и да работите и стекнете искуство во квалитетни компании, тогаш Белгија е местото за вас!