Меѓународен Семинар за развој на ИАЕСТЕ 2017

 

ИАЕСТЕ Македонија е студентска волонтерска организација која овозможува размена на студенти од техничките факултети веќе 24 години. Преку ИАЕСТЕ студентите при сите државни универзитити ширум државата добиваат шанса да стапат во контакт со некои од најреномираните македонски и странски компании, како и да заминат на платена стручна пракса во странство. Освен потребното работно искуство во компании и универзитети ширум светот, членувањето во ИАЕСТЕ носи многу забава,  вредни пријателства и контакти кои можат да бидат клучни за понатамошната кариера на студентот.

Да се биде член на ИАЕСТЕ значи да се биде нешто повеќе од само студент. Преку ИАЕСТЕ се стекнува искуство коешто се бара кај студентите и идните вработени, но не се добива во факултетските клупи. Освен можноста за стручна платена пракса во странство, ИАЕСТЕ нуди голем број на конференции и семинари каде што секој може да стекне потребни лични и професионални вештини, пред се преку тимска работа и практично искуство.

ИАЕСТЕ Македонија денес има околу 40 полноправни членови и уште 80-тина активни во сите локални комитети во Македонија – Скопје, Битола, Охрид и Штип. Со овие бројки, како и константниот ангажман на локално и глобално ниво,  ИАЕСТЕ Македонија важи за еден од најактивните национални комитети во светот. Оваа активност и ажурност, распознаена и на интернационално ниво, е заслужна за организацијата на претстојниот ИАЕСТЕ семинар SID – Strategic IAESTE Development, втор по големина и важност во ИАЕСТЕ на светско ниво, на кој Скопје, Македонија е овогодинешниот домаќин.

Од 4 до 7 мај годинава во Скопје ќе пристигнат повеќе од 60 делегати, претставници на студентските и професионално водените ИАЕСТЕ комитети. Поголемиот број делегати  се од земјите од Европа како Германија, Швајцарија, Велика Британија, Ирска, но пријавени се и делегати од подалечните земји како САД, Таџикистан, Индија, Палестина. На семинарот ќе се одржат пет работни групи, на кои делегатите ќе разработат план за работа и подобрување на ИАЕСТЕ на интернационално ниво, како и предлози за Надзорниот Одбор.  Секоја група ќе опфати различни делови од работата на ИАЕСТЕ, а темите на работните групи ќе се во областите на размена на праксите, маркетинг, подобрување на односите со алумните, соработки со останати интернационални организации и како да се прослави и одбележи 70 годишнината на нашата асоцијација. Повеќе информации може да се најдат на веб страницата www.sid.iaeste.org.mk

Секако, организацијата на еден настан од ваков размер бара многу подготовка, истрајност и поддршка од македонските институции и компании. Машинскиот факултет, во чии простории ќе се одвиваат работните групи, како и Park Hotel & Spa, каде делегатите ќе престојуваат, се поддржувачи на настанот уште од самиот почеток. Меѓу другите поддржувачи се вбројуваат и: RedBull, Фармахем, Neskafe, Vitalia, Vincini, Viva, Кожувчанка, Јаболчело, Карнем и други. До почетокот на настанот се очекува оваа листа да се зголеми, и да се овозможи промоција на компаниите на локално и интернационално ниво, како и брендирање на просториите и производите користени за време на семинарот.

Оваа културна размена е од голема важност и за ИАЕСТЕ,  и за Македонија како домаќин. Доаѓањето на странските делегати придонесува за промоција на Македонија во светот, а за време на интернационалната вечер сите делегати ќе можат да ги пробаат познатите македонски јадења и да уживаат во македонската традиционална музика и танци со точката на фолклорната група.

На другите вечери, ќе бидат поканети ИАЕСТЕ алумните, како и поддржувачите меѓу компаниите. Воедно, контактирани се и повеќе амбасадори кои со нивното присуство ќе придонесат за подобрување на соработката меѓу земјите членки на ИАЕСТЕ. На овие вечери делегатите и нашите соработници ќе можат да разменат контакти, да разменат искуства и да остварат соработка на полиња од нивен интерес.

Семинарот за развој на ИАЕСТЕ не само што иницира директна промоција на нашата земја на интернационално ниво, туку и ги спојува високо образовните институции и претставниците на бизнис-заедницата и домашните компании како долгогодишни соработници на ИАЕСТЕ Македонија, овозможувајќи им да се претстават пред делегати од целиот свет и да ја презентираат поволната бизнис клима која владее во Р. Македонија.