Искуство од пракса во Бразил

Пракса во Бразил е ултра егзотично искуство во животот што нема цена… Живеев и работев во Бело Хоризонте, голем град со многу универзитети, со многу концерти и културни настани за млади, во Бразил познат како “Град на Баровите”, полн со ИАЕСТЕ практиканти од цел свет.

Бев сместена во семејство, кое ме сакаше и  се грижеше за мене како за вистински член од семејството. Животот во семејство ми овозможи да ја доживеам од прва рака нивната култура, нивниот забавен стил на живот, полн со смеа и бразилскa самба во секојдневните фамилијарни собири и дружби, а и да го научам португалскиот јазик на прилично солидно ниво. Луѓето се неверојатно топли, комуникативни, отворени, доста самоуверени и секогаш весели. Бразилската храна е фантастична, изобилува со разновидни тропски овошја и зеленчуци, кои знаат да ги претопат во многу вкусни специјалитети и превкусни природни сокови.

Праксата беше на универзитет и бев вклучена во проект во лабораторија, во тим со уште тројца студенти од Бразил и еден професор, со кои имав одлична соработка. Работното време беше флексибилно, односно се договаравме во тимот кои денови и по колку саати да работиме на проектот. Од таа причина имав и доволно време за шетање и патувања до неколку национални паркови и 5 други града од кои најголем впечаток ми остави Рио де Жанеиро. Градот едноставно остава без здив од убавина, раскажување не може да го долови Рио, треба да се доживее духот на Рио, неговите плажи и ноќен живот.

Во текот на целиот 5 неделен престој во Бразил запознав извонредни луѓе, живеев на Бразилски начин, се стекнав со стручно знаење за време на работата на проектот, а при патувањата видов прекрасни места што само Јужна Америка може да ги понуди. Затоа на секој кој би сакал да има слично искуство, топло ја препорачувам Бразил како дестинација за избор на ИАЕСТЕ пракса.

Ирина Тренчевска

Практикант на универзитет во Бразил