Искуство од пракса во Тајланд

Бангкок, Тајланд. Уште после топлото ИАЕСТЕ добредојде на аеродромот, кога прв пат поминував низ градот хипнотизирано гледајќи се околу мене, знаев дека ова ќе биде вистински незаборавно искуство.

Работев во Western Digital, најголемиот производител на хард дискови во светот. Фирмата имаше 15 000 вработени, од кои 30 интернационални практиканти од целиот свет. Тајланд е позната како земја на насмевките и работното место не беше исклучок од тоа. Бев дел од IT тимот и ги имав најљубезните колеги кои на почеток беа фасцинирани од тоа дека јас сум од некоја мала, чудна земја која има само 2 милиони жители, како за споредба само Бангкок има 8. Работев заедно со нив на проект како рамноправен член од тимот на кој навистина научив многу на професионално ниво. Покрај надградбата на стручно знаење, видов и како е да се работи на големи проекти на кои мора да почитуваат рокови, буџет и неделно да се следи напредокот.

Иако работевме и живеевме заедно со останатите практиканти и буквално цело време бевме заедно, секогаш имаше уште некое ново место да се посети, да се отиде на уште една забава, во уште еден бар или пак да се помине уште една тема на разговор со највкусната храна. Секој викенд беше една нова авантура низ која се трудевме што подобро да го запознаеме Тајланд. Имаше луѓе од целиот свет, од различни континенти, религии, генерации, на кратко едно големо интернационално семејство кое веќе планира каде повторно да се сретне.

За вистински да пробам да ви ја доловам мојата пракса, морам да посветам и дел на Бангкок. Градот има се, од облакодери до стари палати и храмови, од нови и луксузни трговски центри до улични маркети на кои се продава се што можете да замислите, и секако најдобрата улична храна која ја има насекаде. И покрај тоа што речиси пола година живеевме таму и цело време одевме на различни места, ни приближно не посетивме се. Градот има посебен дух, токму  затоа велат дека е невозможно само еднаш да го посетиш Бангкок и потполно се согласувам со тоа.

На крај додека барам слика за текстов гледајќи низ сите тие спомени, да го опишам времето поминато во Тајлнад би рекла дека беше незаборавно и непроценливо.

 

Елена Неделковска

практикант во Western Digital, Тајланд