Искуство од пракса во Индија

Никогаш не размислував да одам во Индија. Вистина. Бев прилично ок со тоа да јадам хамбургери и да не вежбам јога. Но после муабети со луѓе што биле на пракса во Индија почнав да се интересирам. Се заинтересирав првично за културата, а потоа и за начинот на живот во оваа земја. Но како што рекол John Keats – “ништо не е реално додека не е искусено”.

Манипал беше местото каде што поминав три месеци како практикант на еден од најдобрите приватни универзитети во Индија. Работев на софтвер за потребите на универзитетот и од првиот ден мојата менторка беше секогаш тука за да ме советува.

Покрај делот со стекнување на работно искуство, праксата беше уникатна можност да се запознае нова земја и култура, како и шанса да се стекнат многу нови пријателства. Интересно е како многу нешта ги земаме “здраво за готово” или воопшто не ни размислуваме за нив. Од ситници како приготвување на чај или кафе (кои може да се различни дури и во две соседни земји) до прашања кои го дефинираат целиот наш идентитет како религиски, етички, полови, сексуални …

Од првиот ден постојано се случуваше нешто. Заедно со многу прекрасни луѓе од различни земји од целиот свет успевавме да испланираме активности за секој ден – од забави во Zeal и релаксирани ноќи на покривот од студентскиот дом до посета на антички градови, високи водопади, егзотични плажи и патувања во џунгли. Дали спомнав за часовите по Боливуд танц?

Да бидам искрен немаше многу време за спиење. Тоа го сфатив уште првиот ден кога пристигнав во Манипал. Сеуште неотпакуван и изморен од долгиот лет, една од практикантките ме праша дали сакам да и се придружам вечерта во некој клуб со име DeeTee. Таа ноќ сфатив дека Манипал знае да се забавува. Можам многу да ви кажувам за тоа, но како што веќе знаете – “ништо не е реално додека не е искусено”.

Јане Џумеркоски

практикант во Манипал, Индија