Вилах, Австрија – каде е пак сега тоа?

„Grüß Gott“ и „Servus“ – тоа се поздравите со кои ќе се сретнете во овој југозападен дел од Австрија – Каринтија.
Вилах е градче во центарот на овој регион и е многу, многу поинакво од Скопје, на чиј живот бев навикнат. Сепак, транзицијата од град со речиси 1 милион жители и „работно време 24/7“, во град со неполни 60 илјади и „работно време до 20ч и недела не работиме“ излезе дека ми беше многу потребна.

Делот на кој јас работам е валидација на LC-DCDC конвертори во склоп на PMS (Power Management System) модулот на различни AURIX микроконтролери – една од поголемите фамилии продукти на компанијата, со примена во автомобилската индустрија.

Фирмата во која бев примен на пракса е „Infineon Technologies“, една од поголемите фирми во полупроводничката индустрија во светски рамки. Си реков, штом ме примија во ваква компанија, во област која ја изучувам и ми е мерак да ја работам, ќе одам на пракса цела година. Дополнително задоволство беше кога дознав дека во Вилах е најголемиот европски развоен центар на компанијата. Сè на сè, во Вилах Infineon брои 4000 вработени. Уште од почетокот, работната атмосфера и условите за работа ми оставија најголем впечаток. Тимот во лабораторијата во која работам е комплетно интернационален, со колеги од Австрија, Германија, Украина, Хрватска, Босна, Грција, Перу, Казахстан, Колумбија, Бразил, Тунис, Италија, Канада, Холандија, но и неколкумина Македонци покрај мене. Работиме на валидација на компоненти, поконкретно делот на кој јас работам е валидација на LC-DCDC конвертори во склоп на PMS (Power Management System) модулот на различни AURIX микроконтролери – една од поголемите фамилии продукти на компанијата, со примена во автомобилската индустрија. Притоа, константно користиме софистицирана опрема, едноставно не смее опремата да биде причина да прескокнеме одредени мерења.

Околината на Вилах е полна со природни пејсажи и места кои навистина вредат да се посетат.

Секако, во текот на овие 10 месеци како сум во Австрија, не смеев да си дозволам да седам само во Вилах. Викенди полни забава, пешачење и истражување низ Виена, Грац, Линц, Салзбург, Минхен, Прага (како дел од дестинациите кои ги посетив) со многу кул луѓе од цел свет, што ми е стварно мило што ги запознав – прават престојот и сеќавањата од праксава да бидат сè поубави и поубави! Од друга страна пак, околината на Вилах е полна со природни пејсажи и места кои вредат да се посетат. Во зима, идеална локација за скијање, а во летниот период особено, езерата во овој регион се главна дестинација, како за локалците, така и за туристи од цела Австрија и пошироко. Но, Вилах кај Австријците е најпознат по најголемиот традиоционален фестивал во Австрија – Villacher Kirchtag, настан што трае цела недела и тогаш градот е најактивен. Ако треба да изберам кога би го посетувал Вилах во иднина, сигурно би било тогаш!

Австријците можат да понудат многу за љубителите на пиво (голем дел од градовите се со свое „домашно“ пиво), како и за љубителите на вино, па и во тој поглед има што да истражувам константно! Покрај пивото и виното, можат да се пофалат и со исклучително добра храна, како и одлични благи продукти. Како неизоставен дел од целото искуство во Австрија се членовите на ИАЕСТЕ Австрија, луѓе што вреди да ги запознаете, друштвени луѓе со многу позитивна енергија!

Како совет до студентите на крајот на своите студии: „Ловете“ ги ваквите можности за пракси на подолг период, дипломската може да почека! Знаењето, искуството и сеќавањата кои ќе ги добиете се со многу поголема вредност!

Мојата приказна од Вилах и Австрија ќе се продолжи за 6 месеци повеќе од предвидените 12, а верувам впечатокот ќе биде уште попозитивен!
Како совет до студентите на крајот на своите студии: „Ловете“ ги ваквите можности за пракси на подолг период, дипломската може да почека! Знаењето, искуството и сеќавањата кои ќе ги добиете се со многу поголема вредност!

– Виктор Георгиевски, студент на Факултет за електрохника и информациски технологии во Скопје